Алкалоид прослави осум децении постоење

25

8 decenii alkaloid

Фармацевтската компанија Алкалоид на 20-ти овој месец во хотелот Александар Палас прослави 80 години од своето постоење.

“Кога зборувам за успехот на Алкалоид, морам да ги споменам генерациите пред нас, благодарение на чии несебични заложби, денес сме една од најмодерните фармацевтски индустрии во Југоисточна Европа со над 1.600 вработени, 50.000 метри квадратни производни погони и пласмани во над 30 земји во светот. Нека илјадниците посветени вработени, кои се движечката сила на модерниот Алкалоид ја продолжат успешната приказна во духот на нашето мото Здравјето пред сé“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на Алкалоид, пренесе Миа.

На прославата присуствуваа претставници од фармацевтскиот и здравствениот сектор, бизнис заедницата, политичари, спортисти, уметници…

Минатата недела вработените во Алкалоид ја покажаа својата хуманост, кога заедно со своите роднини и пријатели, донираат средства на шестиот традиционален хуманитарен пикник. Собраните средства се наменети за лекување на болно детенце на вработен во Алкалоид.

Алкалоид е компанија којашто работи на производство на лекови, преработка на билни суровини и производство на козметички и хемиски производи. Подружниците на Алкалоид се лоцирани во Русија, Швајцарија, Словенија, Хрватска, Србија, Црна Гора и Бугарија.