Алкалоид склучи партнерство со Црвен крст

21

alkaloid Позиционирајќи ја општествената одговорност на врвот од агендата на своето делување, Алкалоид склучи ново партнерство со Црвениот крст на Република Македонија, финансирајќи го ребрендирањето на Дневниот центар за дарување крв, како и понатамошното функционирање на истиот.
Главна цел на обновениот центар е да се афирмира не само како место за дарување крв, туку и како база за едукација на потенцијалните крводарители и за разменување меѓусебни идеи и искуства во рамки на крводарителската дејност.
Денот на основањето на Црвениот крст на Македонија и Денот на крводарителството во македонски рамки беа пригодно одбележани со промовирање на ребрендираниот Дневен центар во просториите на Домот на хуманитарни организации Даре Џамбаз.
Генералниот директор и Претседател на Управниот одбот на Алкалоид, Живко Мукаетов, во рамки на своето пригодно обраќање, истакна дека му претставува особена чест што компанијата што ја води е дел од хуманата мисија на Црвениот крст на Република Македонија.
„Мисијата на Алкалоид е апсолутно комплементарна со таа на Црвениот крст, во делот на грижата и помагањето на луѓето на кои тоа им е најпотребно. Нашата компанија и во иднина ќе помага и ќе го стимулира крводарителството, како една исклучително хумана дејност од секојдневното живеење“, рече Мукаетов.
Од Црвениот крст потенцираат дека покажаната и докажана поддршка од страна на Алкалоид претставува пример за тоа како треба да изгледа и да функционира една општествено одговорна компанија во вистинска смисла на зборот.