Алкалоид со добивка од 346,6 милиони денари и 58 нови вработувања во првиот квартал

69

Фармацевтската компанија Алкалоид, во првото тримесечје од оваа година, оствари вкупна сеопфатна добивка од 346.686.000 денари, стои во консолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Истиот период лани, добивката на компанијата беше 314.486.000 денари.

“Остварената консолидирана нето-добивка во 2021 година изнесува 346.686.000 денари и во споредба со остварената во 2020 година бележи зголемување за 10%“, стои во Образложението за остварените резултати.

Остварените консолидирани вкупни приходи во периодот јануари-март 2021 година изнесуваат 3.367.234.000 денари и во споредба со остварените во истиот период во 2020 година бележат пад од 3%. Во структурата на вкупните приходи, најголемо учество, 97%, имаат приходите остварени со продажба на производи и на услуги, кои во споредба со остварените во 2020 година бележат пад од 3%.

Од вкупните консолидирани продажби, 67% се остварени на странските пазари. Минималното намалување на продажбите во првиот квартал од 2021 година во споредба со истиот период од 2020 година се должи на подигнувањето на безбедносното ниво на залихи на лекови кај голем број наши клиенти и тоа, пред сѐ, на извозните пазари, што беше реализирано во март 2020, предизвикано од почетокот на КОВИД-19 пандемијата.

Во периодот јануари-март 2021 година во Алкалоид се реализирани 58 нови вработувања во Р.С.Македонија. Со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, во март 2021 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од 100 % од просечната исплатена нето-плата од работник во претходните три месеци во Р.С.Македонија. Исплатениот надомест од вработен е во износ од 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето. Групацијата Алкалоид брои 2.430 вработени, од кои 1.860 се во базата во Скопје, а 570 се вработени во подружниците во странство.

“Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2020 година, предвидува инвестирање на околу 12% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7% на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година. Остварените резултати во првиот квартал од 2021 година ги надминуваат зацртаните плански цели. Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис планот“, стои подолу во Образложението.

Фото: Facebook