Алкалоид со добивка од 583,5 милиони денари во првите шест месеци од годинава

94

Фармацетската компанија Алкалоид, во првите шест месеци од оваа година, оствари вкупна сеопфатна добивка од 583.524.000 денари, стои во консолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

Во првите шест месеци од минатата година, добивката на компанијата беше на ниво од 511.911.000 денари.

“Остварената консолидирана нето добивка во 2021 година изнесува 583.524.000 денари и во споредба со остварената во 2020 година бележи зголемување за 14%“, стои во Образложението за остварените резултати.

Остварените консолидирани вкупни приходи во периодот јануари – јуни 2021 година изнесуваат 6.453.784.000 денари и во споредба со остварените во истиот период во 2020 година, како што се наведува во Образложението, бележат раст од 3%.

“Во структурата на вкупните приходи, најголемо учество, 97%, имаат приходите остварени со продажба на производи и на услуги, кои во споредба со остварените во 2020 година бележат раст од 3%“, стои во Образложението.

Од вкупните консолидирани продажби, 65% се остварени на странските пазари. Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Русија и другите земји од ЗНД (раст од 28%) и во земјите од Југоисточна Европа (раст од 3%).

Во периодот јануари-јуни 2021 година во Алкалоид се реализирани 121 нови вработувања во Македонија. Со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, во март 2021 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од 100% од просечната исплатена нето-плата од работник во претходните три месеци во Северна Македонија. Исплатениот надомест од вработен е во износ од 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето.

Групацијата Алкалоид брои 2.479 вработени, од кои 1.909 се во базата во Скопје, а 570 се вработени во подружниците во странство.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-јуни 2021 година изнесуваат 524.114.000 денари.

Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2020 година, предвидува инвестирање на околу 12% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7% на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година.

Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис планот.