АЛКАЛОИД со консолидирани продажби од 268,3 милиони евра, извоз од 183,9 милиони евра и со инвестиции од 28,3 милиони евра во периодот јануари – декември 2023

47

Приходи од продажби 

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – декември 2023 година продажбите достигнуваат 12.261.902.275 денари, што е за 16 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 16.512.977.886 денари, што е за 16 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 13 %, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 17 %. Од вкупните консолидирани продажби 31 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 69 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 29 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 17 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.

Најголем пораст кај поголемите извозни пазари, во споредба минатата година, бележат продажбите остварени во Канада, кои се зголемени за 62-пати; потоа во Италија, каде што се зголемени за 35-пати; во Јужна Африка за 5-пати; во Чиле повеќе од 4-пати, како и во Чешка и во Велика Британија, каде што се зголемени за повеќе од двапати. Потоа следуваат оние во Монголија (раст од 87 %), во Ерменија (раст од 69 %), Романија (раст од 66 %), Албанија (раст од 33 %), Украина (раст 26 %), во Бугарија (раст од 15 %), Хрватска (раст од 13 %), Босна и Херцеговина (раст од 11 %), во Србија (раст од 9 %) итн.

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 90 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 27 %, препаратите ОТЦ со 19 %, невролошките препарати со 12 %, кардиолошките препарати со 12 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 10 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 7 %, а билкарство учествува со 1 %. Вкупните продажби бележат пораст кај профитните центри фармација и козметика во споредба со остварените во истиот период од 2022 година. Сегментот фармација бележи раст од 18 %, а козметика раст од 10 %.

Инвестиции

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – декември 2023 година изнесуваат 1.741.561.257 денари и во споредба со остварените во истиот период од 2022 година бележат раст од 18 %. Ваквото зголемување на инвестициите се должи на најголемиот инвестициски проект на АЛКАЛОИД во последните 20 години – новото производствено одделение за производство на цврсти форми 2 – со кој се зголемуваат капацитетите за производство на цврсти форми за повеќе од двапати.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 2.572.485.548 денари, бележи зголемување од околу 8 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 1.520.546.813 денари и е зголемена исто така за 8 %.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.750.020.561 денари и бележи раст од 8 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 1.576.864.006 денари е зголемена исто така за 8 %.

При извршувањето на оперативните активности АЛКАЛОИД АД Скопје ангажираше повеќе од 1.000 домашни добавувачи.

Вработени

Во периодот јануари – декември 2023 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 232 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2023 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина на нето-износот од 36.500 денари. Во декември 2023 Управниот одбор по повод новогодишните и божиќни празници, одобри исплата на новогодишен надоместок за вработените во нето-износ од 34.000 денари. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.843 вработени, од кои 2.155 се во земјава, а 688 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.

Податоци за акциите

Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – декември 2023 година се движеше од 17.199,00 до 18.500,00 денари или просечно 17.781,93 денари за една акција. На 31.12.2023 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 5.487 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше речиси 26 милијарди денари.

На 3 април 2023 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2022 година, во износ од 701.363 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2023 година започна исплатата на дивидендата во износ од 490 денари бруто, односно 441 денар нето за една акција. Исплатената дивиденда по акција за 2022 година е поголема за 11,36% во однос на исплатената дивиденда по акција за 2021 година.

Бизнис-план за 2024 година

Бизнис-планот за 2024 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 27.12.2023 година, предвидува инвестирање на околу 10% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 10% на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2023 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2023 година.

Бизнис-планот за 2024 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2024 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Трендот на работење во отежнати економски услови кои беа актуелни во изминатите неколку години сосема е извесно дека ќе продолжи и во 2024 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки кои сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација а можеби и благо опаѓање. Секако безбедносните глобални кризи го отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста што секогаш може да повлијае и на цените на енергенсите, да создаде потешкотии кај ланците на испораки но и да повлијае на достапноста на одредени материјали.

Очекуваме во 2024 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во новите производни капацитети и опреми и вложувањата во развојно-истражувачките проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнување и усовршување на нивото на знаења и вештини на нашите вработени и градење на таленти.