Алкалоид успешно ги помина тестовите на британската Агенцијата за лекови

40

Откако Агенцијата за лекови од Велика Британија (MHRA), изврши инспекција во погонот за производство на цврсти фармацевтски форми – таблети во профитниот центар Фармација на Алкалоид, по вторпат го обнови сертификатот за сообразност со начелата на добрата производна пракса (GMP), дефинирани во директивите на Европската Унија.

MHRA исто така издаде и нов сертификат за производство на цврсти желатински капсули, како и за погонот за производство на течни фармацевтски форми, за интерна и за екстерна употреба, за коишто Алкалоид АД – Скопје претходно се здоби со сертификати од Aгенцијата за лекови од Република Бугарија и од Јавната агенцијата за лекови и за медицински помагала од Република Словенија.

Инаку оваа GMP-инспекција и проверка на фармацевтскиот систем за квалитет од страна на MHRA се изврши за првпат на повеќе погони во исто време.

“Тоа претставува уште една потврда за највисоките европски стандарди што Алкалоид АД – Скопје ги применува во секојдневното работење, а тие претставуваат основа за стекнување и за одржување на авторизациите за пласман на своите производи во Европската Унија”, информираат од компанијата.