Инвестиции на фармацевтската компанија Алкалоид во последните 20 години изнесуваат над 200 милиони евра, истакна директорот на компанијата, Живко Мукаетов, на средба со владини претставници.
Тој, исто така, рече дека во 2018 година компанијата остварила вкупна продажба од над 159 милиони евра и за прв пат извозот ја надминува бројката од 100 милиони евра, а во последните 20 години вкупните инвестиции на компанијата изнесуваат над 200 милиони евра.
“Ова е прв случај од државата да добиеме помош за она што го инвестираме во континуитет. Договорот што го потпишавме со државата, од наша страна значи дека ние треба во период од пет години да инвестираме над 50 милиони евра во нови погони и опрема, нова едукација на нашите вработени, а од друга страна, врз база на она што го инвестираме, доколку ги исполниме и останатите критериуми во договорот, да можеме годишно да сметаме на помош од државата која максимално би се ограничила на износ од околу еден милион евра. Многу е важна синергијата помеѓу Владата од една страна и економијата и бизнисот од друга страна, затоа што ние како компанија растеме, се надградуваме, инвестираме, вработуваме, а од друга страна државата може да смета на раст на економијата преку растот на македонските компании“, истакна директорот на Алкалоид АД Скопје“, Живко Мукаетов.
Како што рече премиерот Зоран Заев, според информациите добиени од директорот Мукаетов, компанијата има повеќе од 2.000 вработени и просечната нето плата по вработен во Алкалоид АД Скопје изнесува над 44.600 денари или над 700 евра, што е за секоја пофалба и е во насока на владиниот апел до компаниите за исплата на повисоки плати за вработените. Изминатата 2018 година компанијата реализирала 212 нови вработувања и инвестиции од над 17 милиони евра.
“Особено задоволство ми претставува што заедно со директорот Мукаетов и вицепремиерот Анѓушев ќе ги споделиме со јавноста овие одлични перформанси на компанијата и информациите за финансиската поддршка што ја доби компанијата од Планот за економски раст со кој за прв пат ги изедначивме условите и критериумите за поддршка на инвестициите и конкурентноста на домашните и странските компании. Алкалоид АД Скопје како една од нашите најуспешни домашни компании за прв пат добива финансиска поддршка од државата. Со оваа наша домашна компанија потпишавме договор за финансиска поддршка за нов инвестициски проект на компанијата во времетраење од пет години, и кон крајот на изминатата 2018 година на компанијата, по овој основ и беа исплатени финансиски средства во висина 35.292.916 денари“, соопшти премиерот Заев.