Алкалоид во првите шест месеци од годинава инвестирал 561,4 милиони денари

160

Алкалоид АД Скопје оствари позитивни финансиски резултати во периодот јануари – јуни 2018 година, покажуваат неревидираниот единечен и неревидираниот консолидиран Биланс на успех, стои во официјалното соопштение.

Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – јуни, продажбите достигнуваат 3.647.869.385 денари, што е за 4% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Добивката пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 701.478.745 денари, бележи зголемување од околу 8%, единечната нето добивка изнесува 400.335.106 денари и истата е зголемена за 7%.

Во периодот јануари – јуни, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 4.787.739.685 денари, што е за 5% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се на исто ниво, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 8%. Од вкупните консолидирани продажби, 37% се остварени на домашен пазар, додека 63% се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 35%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 6%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20% и на останатите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби.

Најзабележителен раст е остварен во Полска со продажби од 24.857.778 денари што е 7,4 пати повеќе од лани, потоа во Унгарија со продажби од 70.759.053 денари што претставува зголемување од 6 пати и САД со продажби од 97.149.017 денари што е двојно повеќе споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Украина раст од 88%, Чешка раст од 48%, Србија раст од 24%, Косово раст од 23%, Хрватска раст од 4% итн.

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 84%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 21%, Кардиолошките препарати со 17%, Антибиотиците со 14%, Невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 16% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 3%, Козметика со 10% и Билкарство учествува со 3%.

Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која достигнува 710.685.721 денари бележи раст од 6%, додека нето консолидираната добивка во износ од 376.774.462 денари е зголемена за 4%.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2018 година изнесуваат 561.358.225 денари што е претставува зголемување за 74% во однос на истиот период од 2017 година.

Во периодот јануари – јуни 2018 година во Алкалоид се реализирани 105 нови вработувања во Република Македонија.