Алкалоид за своите вработени исплати регрес за годишен одмор за 2021 година во износ од 31.167 денари бруто

393

Со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, во март 2021 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од 100 % од просечната исплатена нето-плата од работник во претходните три месеци во Р.С.Македонија. Исплатениот надомест од вработен е во износ од 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето.

Здравјето на вработените, особено во услови на светска здравствена криза, е врвен приоритет за компанијата. Во таа насока, Алкалоид АД Скопје во 2020 година склучи договор за доброволно приватно здравствено осигурување за своите вработени, чија полиса е со важност и во претстојната 2021 година.

Групацијата Алкалоид брои 2.420 вработени, од кои 1.860 се во базата во Скопје, а 560 се вработени во подружниците во странство. Политиката за надоместоци на компанијата е дефинирана во Статутот на друштвото и во Колективниот договор на Алкалоид АД. Грижата за вработените, заедницата, за потрошувачите, акционерите и за сите иматели на удели во компанијата е цврсто втемелена во корпоративната политика на Алкалоид АД Скопје, а таквите заложби ќе продолжат и во иднина.