Фото: Brunel
Студентка од Универзитетот Brunel во Лондон, Имоген Адамс, создаде пренослив тестер за алергени којшто ќе им помага на лицата кои се нетолерантни на некоја храна. Уредот наречен Ally има големина на дланка и им овозможува на корисниците брзо откривање на состојки кои може да им предизвикаат алергии, пишува Dezeen.
Адамс го дизајнирала својот прототип за откривање на лактоза, но идните верзии би можеле да бидат прилагодени и на друга храна која предизвикува алергии (ореви, пченица, морска храна, јајца…). Корисникот треба да стави мал примерок од храна и неколку капки вода во силиконски сад, тест лентата да се потопи во мешавината и потоа да се стави во малиот отвор на уредот кадешто сензор ги обработува податоците. Ако во примерокот има присуство на лактоза, лентата ќе ја смени бојата.
“Овој уред е поевтин од другите производи на пазарот и неговото производство чини околу 18 фунти, а тест лентата 0,03 фунти“, вели Адамс.