Матичната компанија на Google, Alphabet, објави подобри од очекуваните резултати за вториот квартал, поддржани од побарувачката за облак услуги и растот на приходите од реклами.
Приходите во периодот април-јуни се зголемија за 13,6 отсто на 84,7 милијарди долари и беа над консензусот од 84,29 милијарди долари, пренесува „Моментум“.
Приходите од рекламите од пребарувачите скокнаа за 14 отсто на 48,5 милијарди долари, надминувајќи ги консензуалните проценки од 47,6 милијарди долари. Приходите од YouTube се зголемија за 13 отсто на 8,7 милијарди долари, што е под очекувањата од 8,95 милијарди долари. Во минатото, овој сегмент од бизнисот беше најподложен на флуктуации поради нестабилноста на пазарот за дигитално рекламирање.
Севкупно, приходите од реклами се зголемија за 11,5 отсто на 73,9 милијарди долари.
Облак сегментот на бизнисот забележа раст од речиси 29 отсто до 10,4 милијарди долари (консензус 10,2 милијарди долари), што е за нијанса повисоко од претходниот квартал. Оперативниот профит во сегментот се зголеми речиси тројно на 1,17 милијарди долари, над консензусот од 0,98 милијарди долари. Alphabet сè уште заостанува зад Амазон и Мајкрософт на ова поле, но во последно време го достигнува чекорот, особено кога станува збор за стартапи базирани на вештачка интелигенција (ВИ).