Amazon го купи Twitch за 970 милиони долари во кеш

36

amazon

Amazon објави дека за 970 милиони долари во кеш ја купи платформата Twitch за видео стриминг и објава на игри.

Twitch месечно има повеќе од 55 милиони корисници. Во јули оваа година имаше повеќе од 15 милијарди минути содржини, а корисниците на оваа платформа дневно поминуваат повеќе од 100 минути.

„Компанијата ќе ги задржи своите канцеларии, вработени, бренд и најважната работа – независноста. Со поддршката на Amazon, овој сервис ќе добие ресурси што ќе овозможат да стане уште подобар“, изјави Емет Шиар, извршен директор на Twitch, пишува Business Insider.

Аквизицијата ќе биде завршена до крајот на годината.

Интересно е што до неодамна се зборуваше дека Google ќе го купи Twitch за една милијарда долари, но овој договор никогаш не беше официјално потврден. Иако според аналитичарите аквизицијата со Google имала повеќе смисла заради потенцијалната интеграција со YouTube, Amazon со овој потег ја покажува сериозната намера за влез во индустријата за игри.

„Со нетрпение очекуваме да научиме од нив и да помогнеме да се движат побрзо во развојот на нови услуги за гејминг заедницата“, изјави Џеф Безос, основач и извршен директор на Amazon.

Twitch пред три години го стартуваа основачите на сличниот сервис Justin.tv како проект што ќе биде фокусиран исклучиво на гејминг сцената, а со текот на времето стекна огромна популарност.