
Компанијата Амазон е во центарот на вниманието по којзнае кој пат, но не поради „добра причина“. Имено, не престануваат револтите на работниците кои бараат подобри услови, а тука пред сè значат повисоки плати.
Меѓутоа, онлајн трговецот наместо тоа, барем во ОК, се обиде да ги „довлече“ на друг начин.
Родителите и бабите и дедовците кои работат во магацините на Амазон ќе можат да изберат да работат само во одредени периоди. Амазон рече дека новиот договор ќе значи дека луѓето со деца би можеле да земат шест недели одмор во лето и две недели на Велигден и Божиќ.
Но, синдикатот GMB, кој се бори за признавање на Амазон, рече дека – иако флексибилното работење е добредојдено – повеќето работници сакаат подобра плата. „Она што (работниците) ни го кажуваат е дека не можат да живеат со мизерна плата“, велат од GMB.
Регионалниот директор за операции на Амазон, Нил Тревис, вели дека се надева оти новиот договор ќе поттикне повеќе луѓе да се вратат на работа. „Поминавме многу време слушајќи ги нашите вработени, а една од работите што ги научивме е дека тие навистина сакаат пофлексибилни опции“, рече Тревис, додавајќи дека договорот сè уште им дава право на луѓето на бенефиции со полно работно време.
Клер Макартни од “Chartered Institute of Personnel and Development” рече дека само 4% од работниците се со скратено работно време.
„Со оглед на тоа што трошоците и достапноста на грижата за децата предизвикуваат огромни проблеми за вработените родители, работата со скратено работно време веројатно ќе има позитивно влијание врз привлекувањето и задржувањето на работниците во време кога организациите се борат со недостиг на персонал“, рече Макартни.
Империјата изградена од Џеф Безос вработува повеќе од 70.000 луѓе во Британија, а за сметка на понудата на GMB тој истакнува дека „не верува дека признавањето на синдикатот е соодветно“.
Компанијата вели дека претпочита директно да разговара со своите вработени наместо да оди преку синдикатот.
Работниците на Амазон во Ковентри годинава штрајкуваат 16 дена, бидејќи бараат зголемување на саатницата на 15 фунти, а потсетуваме дека во САД во изминатиот период имаше масовни бунтови на работниците – вработени во Амазон , од истите причини.
Амазон рече дека стапките на платите се конкурентни и неодамна ги зголемија платите за 10%.