Amazon: Сè уште не знаеме каков ќе биде ефектот на омикрон врз празничното купување

21

Директор на Amazon.com изјави дека е премногу рано да се предвиди како новата варијанта на коронавирусот, наречена омикрон ќе влијае на потрошувачката на потрошувачите за време на празниците, но сугерираше дека засега луѓето ќе продолжат да купуваат, пренесе Ројтерс.

„Премногу е рано да се знае што се случува со новата варијанта“, рече Дејв Кларк, извршен директор на глобалниот бизнис со производи за широка потрошувачка на Amazon.

Кларк вели дека е оптимист за способноста на научниците и фармацевтските компании кои развија ефективни вакцини да одговорат на новата верзија.

„Потрошувачите ќе чекаат и ќе видат што ќе се случи… но тие ќе продолжат со својот живот по празниците“, рече Кларк.

Тој коментираше во време на тековни проблеми со синџирот на снабдување, кои администрацијата на претседателот Џо Бајден ги поврза со ширењето на друга варијанта на коронавирусот – делтата.

Соединетите Американски Држави и други земји воведоа ограничувања за патувања од појавата на варијантата „омикрон“, која за прв пат беше откриена во Јужна Африка и почна да се шири во другите делови на светот. Холандските здравствени власти соопштија дека откриле 13 случаи кај патници на два авиони кои полетале од Јужна Африка и слетале во Амстердам во петокот.

Велика Британија, Данска и Австралија, исто така, открија заразени деновиве. Иако сè уште не се откриени случаи во Соединетите држави, здравствените власти таму велат дека варијантата можеби веќе е во земјата.

Кларк коментира дека потрошувачите продолжуваат да поминуваат повеќе време со други луѓе по долгите блокади наметнати од владите, како и по други ограничувања поради пандемијата.

Освен тоа, Кларк тврди дека пандемијата натерала многу луѓе да го преиспитаат начинот на кој ги структурираат своите животи и работа, што доведе до предизвици при најмувањето кадри.

„Луѓето гледаат на нивните животи поинаку поради пандемијата“, рече Кларк. „Луѓето одлучуваат каква работа сакаат да имаат, дали сакаат да бидат во бизнисот со храна, дали сакаат да бидат во малопродажба, дали сакаат да бидат во магацини, дали и двајцата во семејството сакаат да работат? Каква е структурата на животот?“

Иако „Amazon“ успева да вработува луѓе и при сегашниот недостиг на персонал, „тоа е предизвик“, рече Кларк.

Во меѓувреме, инфлацијата не врши притисок врз трошоците на потрошувачите, а „Amazon“ имаше рекорден „црн петок“, додаде тој.