Амазон зеде заем од осум милијарди долари

91

Амазон објави дека постигнал договор со одредени заемодавачи за да му обезбеди на американскиот гигант за е-трговија заем од осум милијарди долари.

Рокот на достасување на заемот е 364 дена, со можност за продолжување за уште 364 дена, а средствата ќе се користат за „општи корпоративни цели“, пренесува Ројтерс.

„Со оглед на несигурното макроекономско опкружување, во текот на изминатите неколку месеци користевме различни опции за финансирање за поддршка на капиталните расходи, отплатата на долговите, набавките и потребите за обртни средства“, рече портпаролот на Амазон.

Онлајн трговецот на мало се подготвува за евентуално малку побавен раст, бидејќи високата инфлација ги принудува бизнисите и потрошувачите да ги намалат трошоците. Тоа, заедно со силниот долар, ги турна акциите на Амазон надолу за околу 50 отсто во 2022 година.

Беше забележано и дека ќе има намалување на работната сила на почетокот на 2023 година, но без да се прецизира точниот број на отпуштања. Извор за Ројтерс во ноември изјави дека компанијата има за цел да отпушти околу 10.000 работници.

„Амазон“ имаше околу 35 милијарди долари во готовина и парични еквиваленти и долгорочен долг од околу 59 милијарди долари на крајот на третиот квартал кој заврши на 30 септември.

Торонто Доминион беше административен агент за договорот за заем во кој ДБС банка и Мизухо банка беа меѓу потврдените заемодавачи.