Амбасадата на Соединетите Американски Држави и УСАИД, во просториите на Центарот за развој на претприемачи и менаџери – ЦЕЕД Македонија, го одбележаа 102 Ден на жената 8 март 2013, со настан со кој се промовираше женското претприемништво.
На настанот присуствуваа жени претприемачи кои ги споделија своите искуства и предизвици со кои се среќаваат при водење на своите бизниси. Меѓусебно разменија искуства за пречките со кои се среќаваат при имплементирање на новите деловни решенија, како и можните стратегии за нивно надминување.
“Ова е машки свет. Можеби образованието е важно, можеби и искуството е важно, но менталниот склоп е најважен“, рече Ивана Јордановска од Младинскиот Совет при Амбасадата на Соединетите Американски Држави за дилемите со кои се соочила при реализирањето на својата бизнис идеја.
“Бизнис потребите и резултатите се разликуваат во зависност од тоа дали жените се претприемачки водени од потреби или се претприемачки водени од бизнис можности. Во првиот случај, жените се турнати да започнат свој бизнис бидејќи недостасуваат други опции за работа, а во вториот случај, жените се впуштаат во истражување на бизнис можностите. Јас лично, би сакала да го видам нашето општество како го преминува вториот вид на претприемништво“, истакна Виолета Николовска Манчевска од Центарот за жени претприемачи.