АмЧам собра 1.500.000 денари за општествено корисни проекти

35

Американската стопанска комора во Македонија – АмЧам, бизнис заедница на 130 од најголемите компании во земјава, организираше настан за собирање финансиски средства насловен како Социјална берза, каде што беа презентирани три социјално корисни проекти кои компаниите – членки на комората имаа можност да ги поддржат. Проектите таргетираа неколку целни групи: лица со попреченост кои ќе добијат обука и можност да работат во угостителскиот сектор; социјално загрозени лица од Преспа кои ќе научат како да одгледуваат органски производи и да се вклучат во социјално претприемништво, како и деца и млади кои ќе имаат можност да ја запознаат и засакаат природата преку извиднички активности.

Како дел од напорите да ја промовира корпоративната општествена одговорност и да им олесни на компаниите да инвестираат во заедниците во кои живеат и работат, АмЧам објави повик за социјално корисни идеи на кој се пријавија 39 граѓански организации. Волонтери од Комитетот за општествена одговорност на АмЧам, а воедно вработени во компаниите-членки, спроведоа темелна анализа на предложените проекти и проверка на организациите и ги избраа трите најдобри и најефикасни општествено корисни иницијативи. Проектите беа претставени пред компаниите кои имаа можност да одлучат и да се изјаснат кои проекти ќе ги поддржат.

Настанот успешно ја постигна целта обезбедувајќи 1.500.000 денари, како и производи и услуги потребни за реализација на овие општествено корисни проекти, а во исто време ја подигна свеста за општествената одговорност на компаниите и придонесе кон формирање на партнерства помеѓу приватниот и граѓанскиот сектор.

„Нашите членки покажаа дека се свесни, совесни и одговорни, и подготвени да инвестираат во создавање можности за сите. Привилегирани сме што сме комора во која членуваат компании кои се лидери во корпоративното донирање и кои добро ја разбираат својата улога во општеството. Се надевам ќе инспирираме повеќе вакви иницијативи кои ќе овозможат приватниот сектор да инвестира во решавање општествени проблеми”, изјави Дијана Десподов, извршна директорка на Американската стопанска комора во Македонија.

“Позитивните деловни резултати не се доволни за една компанија да се нарече успешна. Вистински успешни компании се оние кои одат понатаму, кои поставуваат повисоки стандарди на одговорно работење, кои им помааат на оние на кои помошта им е најпотребна и придонесуваат за просперитетот на целата заедницата. Определбата на Пивара Скопје е да биде токму таква компанија, која гради силни и позитивни односи со заедницата и инвестира време и ресурси во поддршка на широк спектар на општествени области и иницијативи, како што е оваа на Американската стопанска комора, кон која со задоволство се приклучивме“, изјави генералниот директор на Пивара Скопје, Дан Тимотин.

АмЧам е општествено одговорна комора која обединува компании кои ја практикуваат културата на корпоративно давање. Во последните 10 години АмЧам, заедно со членките на комората, континуирано се залага за интегрирање на општествено одговорните практики во секојдневните деловни операции на компаниите и за инвестирање во заедницата.

Компании кои донираа:

  • Зегин
  • Македонски Телеком
  • Пивара Скопје
  • Рудник Саса
  • Тиквеш
  • Шпаркасе банка
  • ЕВН Македонија
  • Алкалоид
  • Макпетрол
  • Адвокатско друштво Поленак
  • Халк банка
  • Џевахир Груп
  • Инбокс – Архивски Дата Центар
  • Еуромакс Ресоурцес
  • Уника
  • Аптив Македонија
  • Комерцијална банка
  • Пропоинт
  • Карановиќ и Николиќ
  • Комфи Ангел
  • Хабитат Македонија
  • Везе Шари