AMD: Недостатокот на чипови ќе се намали следната година

32
Closeup of electronic circuit board with CPU microchip electronic components background

Недостатокот на полупроводници ширум светот ќе се смири во втората половина на 2022 година, изјави во понеделникот извршниот директор на AMD Лиза Су, цитирана од CNBC.

Производителите на чипови се уште не можат да стигнат по катастрофалните проблеми во синџирот на снабдување на почетокот на пандемијата. Но, фабриките, планирани кон крајот на минатата година, најверојатно, ќе започнат со производство на чипови во наредните месеци, што ќе ја олесни ситуацијата, предвиде Су.

Подобрувањето на ситуацијата ќе биде постепено, додаде таа.

„Може да потрае од 18 до 24 месеци за нова фабрика, во некои случаи дури и повеќе. Овие инвестиции започнаа пред околу една година“.

AMD главно продава процесори и видео картички за компјутери, гејминг конзоли и сервери. Од почетокот на пандемијата во 2020 година, продажбата на персонални компјутери и лаптопи значително се зголеми поради работа од дома.

Побарувачката останува силна, иако економиите почнаа повторно да се отвораат, а недостатокот на чипови ги погоди другите индустрии, особено автомобилската индустрија.