
Американскиот претседател Џо Бајден и лидерот на републиканското конгресно мнозинство Кевин Мекарти постигнаа начелен договор по макотрпните преговори за зголемување на лимитот на американскиот јавен долг од 31,4 трилиони долари, со што ќе се спречи банкрот на владата.
Договорот беше објавен без никакво славење, што покажува колку тешки биле разговорите и дека договорот допрва треба да се протурка низ Претставничкиот дом и Сенатот.
„Само што завршив со телефонски разговор со претседателот. Откако со месеци губеше време и одбиваше да преговара, денеска постигнавме начелен договор достоен за американскиот народ“, рече Мекарти.
„Договорот е важен чекор напред, но е и компромис. А тоа значи дека нема секој да го добие она што го сака. Тоа е одговорност на владеењето“, рече Бајден.
Договорот ќе го зголеми законскиот лимит на јавниот долг на САД, кој сега изнесува 31,4 трилиони долари, за две години. Сè уште треба да се разработат некои детали, но Мекарти очекува законот да биде напишан во недела и би можел да се гласа во среда.
Тој за новинарите изјави дека договорот вклучува историско намалување на јавната потрошувачка и додаде дека нема да има нови даноци и нови владини програми.
Доколку Бајден и Мекарти не постигнаа договор за зголемување на плафонот на националниот долг, кој моментално изнесува 31,4 трилиони долари, Соединетите Држави можеше да се најдат во ситуација да доцнат или воопшто да не можат да ги исполнат своите финансиски обврски, без разлика дали се работи за платите, пензиите или компензацијата на своите доверители.
Според економистите, ова невидено сценарио би било синоним за голема рецесија и колапс на пазарот во САД, со можна „зараза“ која би се проширила на целата глобална економија.
Бајден, Мекарти и нивните тимови мораа многу внимателно да бараат компромис за да може да помине низ поделениот Конгрес, каде републиканците на Мекарти имаат мнозинство во Претставничкиот дом со 222 спрема 213, а демократите на Бајден го контролираат Сенатот со тесно мнозинство од 51 спрема 49.
Најтешко ќе биде да се задоволи десното крило на републиканската партија, кое сака остри кратења на јавната потрошувачка, и левото крило на демократската партија, кое, пак, би го намалило долгот со повисоки даноци за богатите и компаниите.