Американска компанија инвестира 202 милиони долари во енергетскиот сектор во Косово

81

Претставници на американската „Millennium Challenge Corporation# (MCC) и владата во Приштина во Вашингтон потпишаа договор вреден 236 милиони долари за зголемување на енергетските капацитети на Косово, меѓу кои најважен проект е складирањето и зачувувањето на енергијата. Договорот потпишан синоќа го регулира доделувањето на грантови од 202 милиони долари од американската влада.

Се предвидува преку овој проект Косово да има енергетски резерви преку батерии со голем капацитет од 170 мегавати. Батериите ќе овозможат да се обезбедат резерви од околу 347 мегавати на час, пренесуваат медиумите во Приштина.

Договорот потпишан синоќа регулира доделување на 202 милиони долари грантови од американската влада, а остатокот ќе го обезбеди владата во Приштина. Ова е најголемата меѓународна инвестиција во Косово од прогласување независност.

Енергетскиот проект предвиден со договорот значи дека електричната енергија произведена во одредено време може да се акумулира, за да може да се користи во текот на денот кога потрошувачката на струја е најголема.

Во текот на зимската сезона, кога се зголемува побарувачката на струја, потрошувачите трошат до 1.300 мегавати дневно, додека производниот капацитет на двете електрани во Обилиќ, Косово А и Б, достигнува 800 мегавати. Остатокот од побарувачката на енергија е покриен со увоз.

Според MCC, проектот за зачувување на енергијата има за цел да ја поддржи енергетската безбедност, но и да направи транзиција кон чиста енергија во Косово.

Министерот за економија во Приштина, Артане Ризванољи изјави дека Косово ќе заштеди најмалку 15 милиони евра годишно од новата програма MCC Compact.

Во Косово, 90 отсто од електричната енергија се произведува со ископување јаглен и лигнит, додека остатокот од електричната енергија се произведува од обновливи извори, како што се хидроцентрали, ветерни централи и соларни панели.