Американска компанија ќе произведува чоколадо со печурки наместо со шеќер

38

cokolado

Повеќе од половина од млечните чоколади што се произведуваат во светот содржат шеќер. Причина за тоа е горчливиот вкус на какаото. Но, американската компанија Myco Technology разви уникатен процес на ферментација користејќи печурки со цел да се намали горчливиот вкус на какаото, што значително ќе ја намали концентрацијата на шеќер во чоколадата и чоколадните бонбони, јавува Reuters.

Печурките го апсорбираат остриот и горчлив вкус на какаото, а целиот процес трае од една до три недели. По ваквиот начин на обработка, потребата од шеќер за подготовка на стандардно чоколадо се намалува за повеќе од 50%, односно од 31 на 15 грама.

“Ги користиме печурките со цел да ги отстраниме несаканите ефекти на храната и да го поттикнеме природниот начин на подготовка на чоколадото, користејќи ги благодетите што ги носат печурките“, вели главниот извршен директор на Myco Technology, Алан Хан.

За ваквиот начин на производство на чоколадото, како што вели Хан, има интерес од неколку светски производители, но нивните имиња не се откриваат. Но, од кондиторската индустрија не се радуваат премногу на овој иновативен и природен процес, бидејќи намалување на шеќерот во чоколадото претставува потенцијална закана за бизнисот и за квалитетот на производот. Според познавачите на состојбите, помалото количество на шеќер за големите производители ќе значи зголемување на побарувачката за други состојки, како што се какаото или млечниот концентрат. Овие состојки имаат повисока цена, а со зголемената побарувачка се очекува и пораст на нивната цена.