
Американската рударска компанија „Критикал металс“ постигна договор за преземање на компанијата „Јуропиан литиум“ во договор вреден околу 835 милиони долари (околу 712 милиони евра).
Тоа би ѝ дало на американската компанија целосна сопственост врз проектот за ретки метали „Танбриз“ во Гренланд, објави „Ројтерс“.
„Критикал металс“ потпиша писмо за намера за купување на сите преостанати акции.
Компанијата веќе поседува мнозински удел од 92,5 проценти во проектот, додека „Јуропиан литиум“ ги држи преостанатите 7,5 проценти.
По објавата, акциите на американската компанија пораснаа за повеќе од шест проценти.
Проектот „Танбриз“ се смета за значаен извор на ретки метали, клучен за производство на електрични возила, енергија и одбранбена индустрија, што е важно во контекст на напорите на западните земји да ја намалат зависноста од Кина.
Американската компанија наведува дека целосната сопственост ќе овозможи поефикасно донесување одлуки и полесно финансирање на развојот на проектот.
Заклучокот на трансакцијата се очекува во втората половина од годината.











