Американската технолошка компанија HTEC Group го отвори својот Центар за развој во Северна Македонија

81

Американската компанија за технолошки консалтинг и развој од Сан Франциско, Групацијата HTEC, информира дека Центарот за програмери во Скопје сега е целосно оперативен и веќе се вработени 25 инженери, а секојдневно се интервјуираат и ангажираат нови колеги.

Отворањето на Центарот за развој Скопје, којшто веќе работи на врвен  технолошки развој со престижни американски компании, го потврдува договорот постигнат во април годинава, кога претставниците на HTEC Групацијата се сретнаа со премиерот Зоран Заев и разговараа за намерите на компанијата да инвестира во Северна Македонија и вработи над 130 македонски инженери до крајот на 2022 година.

Групацијата HTEC е американска компанија за консалтинг и развој на технолошки дизајн, која обезбедува врвни инженерски, истражувачки и развојни услуги за различни индустрии, како што се основно инженерство, малопродажба, логистика, медицинска технологија и друго. HTEC во моментов вработува над 900 инженери, со локални канцеларии во САД, Велика Британија, Холандија, Шведска и Словенија и неколку развојни центри низ Србија и Босна и Херцеговина.

“Исклучително сме возбудени поради доаѓањето во Северна Македонија и можноста да работиме со домашни инженери со цел да ја зајакнеме трансформацијата низ која поминува глобалната економија и општество. Центарот за развој во Скопје е исклучително важен за нас, бидејќи се покажа дека инженерите од овој регион, кога станува збор за пристап до работа и развој на програма, се квалитативно различни и дека во тимска работа и менторство од една страна, постигнуваат исклучителни деловни резултати, а од друга страна влијае и на нивниот личен и професионален развој“, вели главниот оперативен директор на Групацијата HTEC,  Дејвид Шох.

Групацијата HTEC ќе продолжи да ангажира врвни таленти во Северна Македонија, со цел да вработи повеќе од 300 технолошки експерти во следните пет години и да им обезбеди предизвикувачки проекти за работа со најисплатливите компании во светот. Компанијата се гордее со тоа што на своите вработени им нуди единствени можности за развој на нивната професионална кариера, како и услови да постигнат глобален успех во брзорастечка и квалитетна работна средина.