
Американскиот производител на автомобили Форд денеска објави дека ќе инвестира до 4,4 милијарди евра во своите операции во Германија, во обид да го оживее својот проблематичен европски бизнис.
Германската филијала Ford-Werke ќе продолжи со иницијативите за стратешка трансформација, фокусирајќи се на намалување на трошоците и зголемување на конкурентноста, се додава во соопштението.
„Со докапитализација на нашите операции во Германија, ние ја поддржуваме трансформацијата на нашиот бизнис во Европа и ја зајакнуваме нашата способност да се натпреваруваме со конкуренцијата со ново портфолио на производи“, рече потпретседателот на Ford, Џон Лолер.
Според него, Форд мора да го поедностави управувањето, да ги намали трошоците и да ја зголеми ефикасноста за да изгради одржлив бизнис во Европа, пренесува Ројтерс.
Лолер, исто така, ги повика европските креатори на политики да воспостават јасна агенда за промовирање на електрични возила и усогласување на целите за емисиите со побарувачката на потрошувачите.
Европската автомобилска индустрија е принудена да ги затвори фабриките бидејќи силната конкуренција од Кина ја намали побарувачката, а доаѓа нова закана во форма на најавените увозни царини на Трамп, додава британската агенција.