
Американските фармацевтски компании ја засилуваат својата кампања за повисоки цени на лековите во Европа, во некои случаи дури и се закануваат дека нема да пласираат нови лекови на пазарот доколку европските пратеници одбијат, пишува „Фајненшл тајмс“. Извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, првиот раководител на фармацевтска компанија што минатата година објави договор за цена со американскиот претседател Доналд Трамп, рече дека договорот го принудил „Фајзер“ да ги зголеми цените во странство, пренесува Банкар.ме.
– Кога ќе ја направиме пресметката, дали треба да ја намалиме цената во САД на нивото на Франција или да престанеме да ја снабдуваме Франција? Ќе престанеме да ја снабдуваме Франција. На тој начин ќе им снема нови лекови. Системот ќе нè принуди да не можеме да прифатиме пониски цени – им рече Бурла на новинарите на годишната конференција за здравство на „Џеј Пи Морган“.
Други фармацевтски директори изјавија на конференцијата дека тивко размислуваат да го одбијат или одложат лансирањето на лекови во Европа. Минатата година, Трамп побара од производителите на лекови да ги намалат цените во САД или да се соочат со царини. Од овој месец, 16 глобални фармацевтски компании, од „АстраЗенека“ до подружницата на „Рош“, „Џенентех“, се согласија да ги намалат цените на лековите во САД. Овие доброволни договори со Белата куќа бараат од компаниите да ги споредат цените на одредени лекови во САД со цените во другите развиени земји, од Канада до Европа и Јапонија, објавува Lidermedia.hr.
Трамп го поздрави новиот правец на фармацевтската индустрија
Трамп ги пофали договорите како лост за да ја принуди Европа да ги зголеми цените.
– Така одиме од ужасна ситуација со лековите на рецепт до најниските цени насекаде во светот – рече тој.











