Американските санкции кон Русија ги зголемуваат цените на транспортот на нафтата

Цените за транспорт на нафта со супертанкер драстично се зголемија откако САД воведоа нови санкции за рускиот нафтен сектор, предупредија трговците и посредниците во транспортниот сектор.
Американскиот Стејт департмент минатиот петок објави дека вовел санкции за руските нафтени компании Гаспром Нефт и Сургутнефтегаз и 183 бродови кои превезувале руска нафта, како и трговци, осигурителни и транспортери на руска нафта.

– САД преземаат широки мерки против клучниот руски извор на приходи за финансирање на војната против Украина, рече секретарката Џенет Л. Јелен.

„Логиката на санкциите е да се покрие секоја фаза од руското производство и дистрибуција на нафта“, рече претставник на Белата куќа, додавајќи дека нивното правилно спроведување може да ги намали руските приходи за милијарди месечно.

Новите американски санкции ќе му нанесат тежок удар на рускиот извоз и ќе ги принудат Индија и Кина да набавуваат повеќе нафта од Блискиот Исток, Африка и Америка, велат трговците и аналитичарите.

Кинеската филијала на Sinopec, Unipec, минатиот петок изнајми неколку многу големи товарни бродови (VLCCs) кои можат да пренесат два милиони барели нафта, а цените на товарот нагло скокнаа, велат извори од индустријата.

На рутата на Блискиот Исток до Кина, тие се зголемија за 39 отсто од минатиот петок, достигнувајќи го највисокото ниво од октомври, на 37.800 долари, изјави неименуван брокер.

Нагло порасна и цената на транспортот на руската нафта во Кина.

Така, цената на транспортот на нафтата со танкери Афрамакс од руското пристаниште Козмино во Тихиот Океан до северна Кина се зголеми за повеќе од двојно и во понеделникот достигна 3,5 милиони долари. Сопствениците на бродови сега наплаќаат значително повисоки цени поради ограничената тонажа на таа рута, според податоците на S&P Global Commodity Insights.