
Советот на економски советници на германската влада значително ја намали прогнозата за растот на германската економија за оваа година и сега очекува раст од оскудни 0,2 отсто, додека во есенските прогнози предвидуваа економски раст од 0,7 отсто.
Актуелните движења во германската економија се карактеризираат со слаба вкупна побарувачка, објави германскиот совет на економски експерти.
„Во моментов домаќинствата сè уште не се склони да трошат, а индустрискиот и градежниот сектор бележат само мал број нови нарачки“, рече членот на советот Мартин Вердинг.
Сепак, се очекува дека германската економија ќе добие одреден замав оваа година. Приватната потрошувачка најверојатно ќе почне да ја поддржува економијата во текот на годината, бидејќи реалните приходи веројатно значително ќе се зголемат, сметаат експертите.
Германската влада, исто така, очекува слаб раст на БДП од 0,3 отсто во 2024 година, што укажува на забавување на глобалната економија. А според најновата прогноза на Европската комисија, најголемата европска економија годинава ќе расте побавно отколку што неодамна предвидуваа, со стапка од само 0,1 отсто.
Меѓу главните причини, тие ги наведуваат слабата странска побарувачка, забавената приватна потрошувачка и недоволните инвестиции. Неодамна Европската комисија за Германија предвиде раст од 0,3 отсто за оваа година, потсетува Дпа.
Што се однесува до движењето на германската инфлација, советот на економски експерти предвидува нејзино натамошно забавување, а за годинава предвидуваат дека инфлацијата ќе изнесува 2,4 отсто, а потоа следната година ќе забави до 2,1 отсто. Германската економија следната година најверојатно ќе порасне за 0,9 отсто, предвидуваат владините советници во Берлин.
Тие прогнозираат дека светската трговија и глобалното индустриско производство најверојатно ќе зајакнат оваа година, што ќе го фаворизира германскиот извоз.
Извозно ориентираните компании се соочуваат со тешка конкуренција, зголемени трошоци за работна сила и постојан раст на цените на енергијата, забележуваат германските економски експерти.











