Аналитичарите повеќе не предвидуваат пад на германската економија оваа година

61

Германија се приближува кон крајот на првиот квартал од оваа година со доза на оптимизам дека кризата од 2022 година е надмината, а аналитичарите повеќе не предвидуваат пад на најголемата европска економија оваа година, објави во саботата Блумберг.

Според извештаите, германската економија најверојатно ќе излезе од блага рецесија напролет, пренесува Танјуг.

Германскиот производител на автомобили Фолксваген предвиде можен скок на приходите од 15 отсто оваа година.

Отворањето на Кина

Во исто време, повторното отворање на Кина по пандемијата на корона нуди големи можности за извозниците, а германските фабрики добиваат зголемен број нарачки од странство од почетокот на оваа година.

Во Германија, пак, сè уште има шок поради зголемените трошоци за живот, пазарот на станови е нестабилен, а негативно влијаат и големите зголемувања на каматните стапки на Европската централна банка, посочува Блумберг.

Германската економија забележа пад од 0,4 отсто во четвртиот квартал од минатата година, што е помалку од половина од прогнозата на Европската комисија.

Според прогнозата на Блумберг, германскиот бруто домашен производ (БДП) ќе падне за 0,3 отсто од јануари до март, но проекциите за целата година се подобрени, што покажува дека БДП ќе остане непроменет.