Во јавниот сектор 46,1% од етничките Македонци вработени се со високо образование, кај Албанците овој процент е поголем и изнесува 54,7%, додека со високо образование се 40,7% од Бошњаците. Во Судски совет, Уставен суд, Совет на Јавни обвинители и Јавно обвинителство, докторите на науки се застапени со 0%, пишува Порталб. Според степенот на образование – распоредот на “силите“ на вработените во администрација е различен.
Најголем дел од вработените во јавниот сектор со високо образование…
Скоро половина од вработените во јавниот сектор се со високо образование, а веднаш зад нив се оние со средно. Конкретно од вкупниот број на вработени 52.891 се со факултет, а 38.493 се со средно образование. Во јавниот сектор само 2,4% се доктори на науки, додека 8,3% се со основно образование.
“Најнизок степен на образование за кој е предвидено работно место во јавниот сектор е основното образование – за определени работни места во јавните претпријатија, додека за најголемиот број на работни места е предвидено средно или високо образование“, се наведува во Извештајот на МИОА.
Образовна структура во Јавен сектор
Доктори на науки 2,38%
Магистри 3,84%
Високо образование 47,40%
Вишо образование 3,15%
Пост-средно образование 0,48%
Средно образование 34,50%
Основно образование 8,26%
Ако се навлезе подлабоко во анализата за степенот на образование на вработените во институциите, забележително е дека Секретаријатот на Владата е институција со најголем број на високообразован кадар – 80% од вработените, зад него е Владата каде 67,5% од вработените се со високо образование, а повеќе од 60% од вработените се со високо образование во Министерствата, Народен правобранител, Органи во состав на министерство, Претседател на држава и Судски совет.
Од друга страна вработени со средно образование доминираат во Јавните претпријатија 57,1%, Јавно обвинителство 51,3%, Служба во Владата 70,8%, Суд 57,9%.
Докторите на науки се концентрирани во неколку институции како што се Јавни установи, Народна банка, Претседател на држава.
Доктори на науки
Јавна установа 3,8%
Претседател на РСМ 3,5%
Народна банка 2,8%
Секретаријат на Влада 2,7%
Во Судски совет, Уставен суд, Совет на Јавни обвинители и Јавно обвинителство, докторите на науки се застапени со 0%. Од друга страна, “основците“ ги нема во Влада, Претседател на држава и во Уставен суд, но затоа доминираат во Јавните претпријатија со 25,1%.
“Имајќи ја во предвид самата структура на јавниот сектор и институциите кои се опфатени со истиот, како и видот на работните места кои се нудат, може да се изведе заклучок дека во јавниот сектор постои огромна разлика во однос на степенот на образование кој е потребен за да може да се пополни работно место во овие институции“, се наведува во Извештај од Регистарот на вработени во јавниот сектор за 2020 та.
Образовната структура на вработените во јавниот сектор кои припаѓаат на различните заедници е различна – со високо образование се 46,1% од Македонците, 54,7% од етничките Албанци, 40,7% од Бошњаците, 52% од Власите. Скоро 60% од етничките Роми вработени во јавниот сектор се со основно образование, 28,1% се со средно образование, а 10,8% од вработените Роми се со високо образование. Од друга страна, доктори на науки има најмногу од Влашката етничка заедница, скоро 4%, следуваат Македонците со 2,74%, а по нив се докторите на науки од Српската етничка заедница со застапеност од 2,24%.
Различна е застапеноста на вработените од различни етнички заедници и на локално ниво. Етничките Македонци со повеќе од 90% се застапени во општините Аеродром, Битола, Берово, Гази Баба, Виница, Гевгелија, Градско, Дојран, Кратово и други. Етничките Албанци со 100% застапеност се во Арачиново, Боговиње, Липково, додека со над 80% се застапени во Теарце, Сарај, Желино, Дебар, Врапчиште. Етничките Роми се најзастапени во општините Берово и Битола со скоро 2%, во Кочани, Бутел и во Дебар со речиси 3%, во Штип со 3,4%, а најмногу во општина Шуто Оризари со 35,3%. Етнички Турци со 16 % се најзастапени во општина Долнени, 11,1% во Конче, Маврово и Ростуше, а со скоро 90% во Центар Жупа и со 23% во општина Студеничани. Етничките Срби со 21,2% се најзастапени во општина Старо Нагоричане.
Фото: Freepik