Андонов: Во јануари прв пат по 15 години од вкупните потреби на струја 87 проценти се обезбедија од домашните капацитети

41

Сите домашни енергетски капацитети се функционални, домашното производството е стабилно и во целост ги задоволува потребите на домаќинствата, малите потрошувачи и дополнителните снабдувања за училиштата, прехранбената индустрија и други витални државни субјекти, соопшти денеска Виктор Андонов, соработник за енергетика во Канцеларијата на претседателот на Владата.

Андонов информира дека вчера дневното производство на струја од домашните капацитети било 19 205 мегават часови од кои 13 940 од термоелектраните, а останатите 5 265 се од обновливите извори со кои располага ЕСМ. Со ова производство, како што напомена, во целост се задоволени потребите на сите.

-Владата и годинава продолжува со спроведување на Планот за полесно справување со енергетската криза кој вклучува зголемено домашно производство на струја и непречено снабдување на граѓаните со електрична и топлинска енергија. Во јануари прв пат по 15 години од вкупните потреби на струја 87 проценти се обезбедија од домашните капацитети, а само 13 отсто беа од увоз, рече Андонов на прес-конференција во Владата.

Тој потсети дека сè уште е активен повикот за субвенцинирање на сметките за струја за домаќинствата со ниски приходи и апелира граѓаните да аплциираат.

-Повикот ќе биде отворен до крајот на февруари, а деталите може да се прочитаат на интернет страницата на Министертсвото за економија, информира советникот.

Државата, дополни Андонов, обезбеди скоро еден милион денари поддршка за сметките за струја на домаќинствата со ниски приходи, а субвенцијата изнесува 600 до 800 денари, зависно од категоријата на граѓаните.

-Важно е дека граѓаните кои лани добија субвенции на сметките, можат повторно да ја искористат оваа мерка, но за тоа ќе мора повторно да аплицираат. Граѓаните кои ги исполнуваат условите, пак, ако заштедат електрична енергија од 10 отсто во одноc на истиот период лани, ќе имаат 200 – 300 денари пониска сметка зависно од категоријата, подвлече Андонов.

Фото: Pixabay