Ангеловска-Бежоска: Денарот со децении е стабилен  во однос на еврото, ова е најповолната монетарна стратегија за нашата економија

30

Стабилноста на денарот успешно се одржува и за време на тековната економска криза, што се должи на соодветното ниво на девизни резерви со кое располагаме, но и капацитетите на централната банка успешно да го одбрани курсот. Денарот со децении е стабилен во однос на еврото, валутата на нашиот најзначаен трговски партнер. Ова е најповолната монетарна стратегија за нашата економија, вели во интервју за „Гласот на Америка” гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, која учествува на Годишните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка во Вашингтон, САД.

„Ние две и пол децении одржуваме стабилен денар, што јасно покажува дека централната банка има и капацитет, но и соодветни инструменти за одбрана на курсот на денарот. Во поддршка на ова фокусот треба да се стави на нивото на девизни резерви, коишто се клучниот инструмент кој служи како гаранција за одржување на стабилноста на курсот. Тие се одржуваат на високо ниво – во споредба со глобалната финансиска криза 2008-2009 година тие се двојно повисоки, а повисоки се и во однос на претпандемискиот период. Дополнително имаме на располагање и ликвидност од страна на Европската централна банка (ЕЦБ) во вид на репо-линија којашто ни е ставена на располагање и досега не е искористена, но може да се искористи доколку имаме потреба за тоа”, вели гувернерката.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска зборувајќи за трендот на апрецијација на американскиот долар, кој започна кон крајот на минатата, а забрза годинава, посочи дека има повеќе причини за тоа.

„Попогодени од овие трендови би биле оние економии, коишто се нето-должници во долари, односно имаат поголеми обврски отколку побарувања во долари. Тоа не е случај со македонската економија, бидејќи кај нас учеството на доларите во вкупниот надворешен долг на нашата економија е само околу 8% и тоа е главно кај јавниот сектор. Учеството на доларот во вкупната надворешна трговија, извозот и увозот, исто така е релативно помало, некаде околу 8-9%, додека останатата трговија е во евра, каде постои долгогодишна стабилност кај соодносот денар-евро и оттука тоа не се одразува на тој дел од трговијата”, вели гувернерката.

Во однос на поизразените надолни ризици за глобалната економија, и влијанието врз нашата економија, гувернерката рече дека особено ќе биде важно како со овие шокови ќе се справи Европската Унија, како наш најголем трговски партнер, а која е многу ранлива на енергетската криза. Таа посочи дека во централната банка се работи на новите макроекономски проекции коишто ќе се финализираат следниот месец.