Ангеловска-Бежоска: Дигитализацијата ја обликува иднината на работните места

57

Новите технологии создаваат нови работни места и потреба за нови квалификации и вештини. Важно е во текот на студиите, младите професионалци да се стекнат со вештини коишто ќе им овозможат побрзо вклучување на пазарот на работна сила по нивното завршување. Ова на студентите од прва година на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, им го порача во своето обраќање гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на настанот организиран од факултетот по повод отпочнувањето нова академска година. Таа посочи и дека тимот на Народната банка преку тематски предавања и пракса ќе им помогне во овој процес.

– Дигитализацијата ја обликува иднината на работните места. Новите технологии создаваат нови работни места во областа на вештачка интелегенција, анализа на податоци,  дигитален маркетинг, развој на бизнис, како и технолошки иновации во финансискиот сектор. Сите овие аспекти се поврзани токму со студиите кои вие ги одбравте – им порача Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката истакна дека во новото и динамично окружување се менуваат потребите за човечки ресурси на централните банки во согласност со промените во реалната економија и финансискиот сектор. Во овој контекст, како што рече, сѐ повеќе доаѓа до израз и потребата од теоретско и практично познавање на квантитативни методи и модели, како основа за правилно конципирање на политиките на централната банка и остварување на нејзините основни цели – стабилноста на цените и финансиската стабилност.

– Како и досега, тимот на централната банка активно ќе биде вклучен во надополнување на вашите вештини и знаења, преку тематските предавања кои ги одржува на вашиот факултет и практичната работа која ја организираме во рамките на Народната банка – истакна Ангеловска-Бежоска.

Народната банка и Економскиот факултет, во јуни годинава склучија меморандум со цел засилување на соработката со заеднички вложувања во истражувањата и креирање квалитетен кадар. Соработката се однесува и на конципирањето нови студиски програми, со активна вклученост на Народната банка во однос на знаењата и вештините во делот на монетарната и макроекономската политика и банкарскиот систем.

На настанот на Економскиот факултет, покрај гувернерката на Народната банка, се обратија и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, проф.д-р Никола Јанкуловски, деканот на Економскиот факултет, проф.д-р Предраг Трпески и претседателката на Управниот одбор и извршна директорка на „ УНИ Банка”, Милка Тодорова.