Ангеловска-Бежоска – Мојсова-Чепишевска: Културното наследство од македонските пари ќе им биде претставено на странски универзитети

56

Културното наследство прикажано на македонските банкноти ќе им биде претставено на странските универзитети на коишто се изучува македонистиката. Странските македонисти ќе можат да се запознаат и со најзначајните парични изданија произведувани на територијата на современата македонска држава коишто се дел од најголемата нумизматичка збирка во државата. Во сите странски образовни и научни центри коишто ќе покажат интерес ќе може да се одржат предавања и интерактивни презентации за македонските пари и за културното наследство, од почетокот на претстојната академска година.

Ова беше договорено на состанокот на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, одржан по отворањето на изложбата „В/редности и вредности” на Музејот на Народната банка.

„Покрај остварувањето на своите основни цели и задачи, Народната банка, повеќе од две децении вложува и во зачувувањето и афирмацијата на културното наследство. Наша определба е да го претставиме нумизматичкиот музејски материјал од нашата збирка и културното наследство коешто е пресликано на банкнотите и пред странската јавност. Затоа е важно што преку оваа соработка, културното наследство ќе биде претставено и пред новите генерации странски македонисти и слависти.” – истакна, меѓу другото, гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска.

Директорката на МСМЈЛК при УКИМ, Мојсова-Чепишевска посочи дека во странските образовни и научни центри во коишто се изучува македонистиката има зголемен интерес за македонската култура.

„Затоа, наша цел во следниов период е за сите центри да обезбедиме што повеќе материјали коишто ќе овозможат повеќе културолошки проучувања и поголема запознатост со македонската култура. Со тоа би обезбедиле услови да бидат опфатени повеќе сегменти од македонската култура и во предметните програми. Драго ни е што сега, во годината кога одбележуваме 30 години монетарна самостојност, во рамките на нашата мисија за афирмација и на македонската култура ќе бидат вклучени и македонските пари и културното наследство коешто го претставува Народната банка.” – нагласи Мојсова-Чепишевска.    

На состанокот беше договорено да се обезбедат материјали за културното наследство прикажано на македонските банкноти и за нумизматичкиот музејски материјал од територијата на нашата држава за сите странски универзитети на коишто се изучува македонистиката.

Ангеловска-Бежоска и Мојсова-Чепишевска изразија заемно задоволство од ваквата форма на соработка, напоменувајќи дека со неа се постигнува долгорочен ефект во афирмацијата на македонската култура.