Ангеловска-Бежоска: Најверојатно ќе направиме умерена нагорна ревизија на инфлацијата

130

Гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска најавува умерена нагорна ревизија на проектираната инфлација од 2,2 проценти.

Во изјава за медиумите, Ангеловска-Бежоска рече дека со оглед на движењето на цените на храната и на енергенсите, најверојатно ќе биде направена умерена нагорна ревизија на инфлацијата со следните макроекономски проекции.

„Со априлскиот циклус на проекции проектиравме стапка на инфлација од 2,2 проценти, но судејќи ги најновите остварувања кај инфлацијата, како и проекциите, особено за движењето на цените на храната и енергијата, најверојатно ќе направиме умерена нагорна ревизија на инфлацијата. Тоа ќе биде направено со новиот цикулс на макроекономски проекции кој е во фаза на финализација“, изјави Ангеловска-Бежоска по настанот посветен на проектот за зголемување на употребата и достапноста на официјалните статистички податоци во Република Северна Македонија.

Инфлацијата, како што додаде, засега се очекува да остане во умерени рамки, како што предвидува и Меѓународниот монетарен фонд.

Во однос на стабилноста на денарот, гувернерката повтори дека оптимална стратегија е стратегијата на одржување на стабилен девизен курс, а причината за тоа, како што рече, е структурата на домашната економија.

„За да може оваа стратегија да се одржува стабилно од клучно значење е нивото на девизни резерви. Нивото на девизни резерви согласно сите меѓународни стандарди се одржува на високо солидно ниво, оцени Ангеловска-Бежовска.