Ангеловска-Бежоска: Народната банка не е еден човек, таа е институција

Нефункционалните кредити се сведоа на историски најниско ниво, додека депозитите продолжија да растат. Ова се едни од причините поради коишто Централ бенкинг ја издвои Анита Ангеловска-Бежоска меѓу трите гувернерки од светот, коишто успешно се справуваат со актуелната криза, поврзана со ковид-19. Ова го истакнуваат од Гласот на Америка, во интервју со гувернерката на Народната банка. 

Огромно задоволство за мене и за моите колеги, затоа што Народната банка, не е еден човек, таа е институција. Заедно успеваме успешно да се справиме со невидени предизвици со коишто се справуваат речиси сите централни банки во светот. Во таква тешка ситуација, успеавме да ја одржиме стабилност на курсот, ценовната стабилност и сето тоа да гарантира макроекономска стабилност#, изјави Ангеловска-Бежоска.

Во интервјуто, гувернерката се осврнува и на монетарната стратегија на Народната банка и стабилноста на девизниот курс на денарот.

“Нашето искуство покажува дека стабилноста на денарот е клучното сидро на целокупната стабилност во нашата економија, дека оваа монетарна стратегија е најсоодветна, значи, нема посоодветна монетарна стратегија. Ако нема, тогаш неопходно е соодветно ниво на девизни резерви. Да продолжиме да ги градиме за да можеме понатаму да ја одржуваме оваа клучна макроекономска стабилност“, вели Ангеловска-Бежоска.

За оваа година е проектиран раст од 3,9% на македонската економија, и закрепнувањето ќе се одвива постепено. Ќе биде потребно време Македонија да се врати на патеката пред кризата со пандемијата, а тоа би се случило дури во 2022-ра, најави Ангеловска-Бежоска во интервјуто за Гласот на Америка.