„Реформите, вклучувајќи го и усогласувањето на нашата регулатива и практики со европските, се значаен фактор за привлекување странски директни инвестиции. А странските директни инвестиции во малите економии како нашата вообичаено се еден од двигателите на економскиот раст”, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во видеоинтервју за „Инвисо” (организаторите на Форумот на Централна и Источна Европа, порано познати како „Еуромани”).
Таа истакна дека најголемиот дел од странските директни инвестиции доаѓаат од ЕУ − околу две третини, вклучително и во банкарскиот систем. На овој начин уште повеќе се зајакнува трговската и финансиската интеграција на нашата економија со европската. Речиси 80% од нашиот извоз оди во земјите на ЕУ.
Добро е што и покрај кризите и пречките во процесот на пристапување кон ЕУ, странските директни инвестиции во изминатиов период се солидни и забрзуваат надминувајќи го историскиот просек. Секако, имајќи ги предвид позитивните искуства на други земји од пристапувањето кон ЕУ, натамошното спроведување на реформите коишто ќе нѐ доближат до европската економија е приоритет којшто може позитивно да делува и на странските директни инвестиции. Според последниот извештај на Европската комисија, нашата земја се оценува како умерено подготвена, оцена којашто е една од повисоките во регионот на Западен Балкан.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека изминативе неколку години Народната банка засилено работеше на усогласување на домашната правна рамка во банкарската и платежната сфера со правото на Европската Унија, со што создаде основа за започнување на процесот на интеграција на земјата во Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), пред да пристапиме во ЕУ. „Според анализа на Светската банка, за прекуграничното тргување со ЕУ, сега граѓаните во регионот на Западен Балкан плаќаат шестпати повеќе, додека фирмите десетпати повеќе, во однос на она што би го плаќале кога би биле дел од СЕПА. Ова ќе ја зголеми конкурентноста и ќе ги подобри врските со ЕУ, што е значајно за потенцијалот на економскиот раст и доходовната конвергенција кон ЕУ”, истакна гувернерката.