Ангеловска-Бежоска: Со соодветна монетарна политика, инфлацијата се сведе на 3%, но потребна е внимателност 

50

Преземените монетарни мерки, заедно со намалувањето на цените на храната и на енергентите на светските берзи, се факторите коишто влијаеа инфлацијата во нашата земја да се сведе на 3%, што е под просекот на земјите во Југоисточна Европа (ЈИЕ). Сепак, иако ценовните притисоци се намалуваат и инфлацијата е во постојан пад, имајќи предвид дека и натаму постои неизвесност, неоходна е претпазливост и внимателен пристап при водењето на макроекономските политики, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, говорејќи на тркалезна маса во рамки на Регионалниот состанок на гувернери на централни банки, кој се одржа во Сплит, Хрватска.

Иако инфлаторниот шок е глобален феномен, кој ги погоди сите економии, сепак тој се манифестираше со различен интензитет во различни економии. И во самата ЕУ имаше голема разлика при што просечната инфлација во 2022 година се движеше од 5,9% во Франција, до 19,4% во Естонија. Кај нас просечната инфлација изнесуваше 14,2% и беше над просекот од земјите во ЈИE (11,7%). Притоа и инфлацискиот диференцијал во однос на ЕУ се зголеми како одраз на повеќе фактори, вклучително и повисокo учество на храната и енергијата во потрошувачката кошничка, големата увозна зависност и енергетската неефикасност (трошиме три пати повеќе енергија за производство на единица БДП), видот и интензитот на мерките, како и растот на профитабилноста на корпоративниот сектор на што упатува и анализата на Светска банка.

Сепак, од крајот на 2022 година, инфлацијата кај нас забавуваше со побрза динамика од ЕУ со што јазот помеѓу домашната инфлација и онаа во ЕУ речиси се исцрпи, а е пониска и од просекот во ЈИЕ. Намалувањето на инфлацијата на 3% се должи на падот на цените на храната и на енергијата на меѓународните пазари, одредено намалување на енергетската увозна зависност со раст на домашното производство на енергија во 2023 година, како и монетарното затегнување”, посочи Ангеловска-Бежоска. Гувернерката истакна дека покрај неизвесноста поврзана со движењето на светските цени на примарните производи, регионот се соочува и со уште еден ризик, а тоа е растот на платите на кој што мора будно да се внимава.

На тркалезната маса на која говореше гувернерката Ангеловска-Бежоска, дискутираа и гувернерите на централните банки на Хрватска, Борис Вујчиќ, на Словенија, Боштјан Васле, на Црна Гора, Ирена Радовиќ, како и вицегувернерот на Босна и Херцеговина, Жељко Мариќ. На настанот свое излагање имаше и Алфред Камер, директор на Одделот за Европа при Меѓународниот монетарен фонд.