Ангеловска дел од Акциската група против Covid-19 на Светскиот економски форум

31

Како одговор на здравствените, економски и социјални последици предизвикани на Covid-19, Светскиот економски форум (World Economic Forum) основаше антикризна платформа – Акциска група за Европа и Евроазија, која треба пред се да ги поврзе земјите и да ги поттикне заедно да дејствуваат и да направат заедничка стратегија за сузбивање на оваа глобална криза, особено во периодот за опоравување. Во оваа Акциска група членуваат 37 избрани вицепремиери, министри, високи функционери, универзитетски професори и истражувачи. Министерката за финансии Нина Ангеловска е еден од тие 37 члена од Европа и Азија.

Акциската група има за цел да служи како антикризна платформа на која ќе се разменуваат идеи и искуства за антикризни мерки и нивното влијание на краток и долг рок на поединечни земји и регионите, како и развивање заеднички планови и стратегии за обнова на економиите по кризата, согледувајќи ги економскиот, политичкиот и социјалниот аспект. Групата ќе се состанува редовно со цел координација и проактивно дејствување.

Акциската група треба да послужи како заедница на владите и стопанството, за да со брза реакција се мобилизираат меѓурегионални акции за справување со повеќекратните ефекти на кризата предизвикот од Ковид-19 во Европа и Евроазија и заеднички да создаде стратегии за справување со последиците од кризата предизвикана од COVID-19. Воедно целта е да ја подобри координацијата помеѓу властите, стопанството, невладините организации, академската јавност и другите засегнати страни, особено идентификувајќи ги можностите за меѓурегионална и меѓуиндустриска соработка.

Покрај основните цели, Групата треба да обезбеди и стратегиски совети со цел создавање на долгорочна одржливост на постојаните регионални проекти и тоа: проектот на  Дигитална Европа, Европскиот Зелен Договор и Стратешкиот дијалог за Западен Балкан.