Ангеловска: Купувачите треба да створат нови вештини за препознавање на нерегистрираните субјекти, да ги користат алатките кои ги нуди АЕТМ, и да не веруваат на т.н „предобри зделки“

67

Нелојалната конкуренција во е- трговијата им нанесува голема штета на потрошувачите, на регистрираните е- трговци но и на целокупната економија. Сивата економија според Нина Ангеловска од Асоцијацијата за е-трговија во Македонија, се манифестира преку нарачки од нерегистрирани субјекти при што граѓаните не можат да остварат поврат на пратката, а бидејќи немаат фискална сметка не можат да бараат заштита од надлежните.

„Купувачите треба да створат нови вештини за препознавање на нерегистрираните субјекти, да ги користат алатките кои ги нуди АЕТМ, и секако да не веруваат на т.н „предобри зделки“. На штета на целокупниот развој на е-трговијата е ако измамен купувач од ваков тип на нарачка со која бил доведен во заблуда или измамен, го препише целото искуство како непријатно искуство од „онлајн нарачување“. За продавачите од друга страна кои учествуваат како нерегистирани субјекти мотивот е да се избегнат даноци, давачки и административни процедури, вели во интервју за „Локално“, Ангеловска.  

За да се детектираат и стават под контрола нелегалните дејствива во онлајн трговијата, а во исто време и да се заштитат потрошувачите, покрај Единствениот регистар на е- продавачи кој брои над 1000 е – трговци и беџ за верификуван е-трговец, според Ангеловска, потребен е холистички пристап, акција од повеќе институции, добра координација и организација, и секако волја.

„Прогресот оди бавно и потребно е значително забрзување на темпото и капацитетите. Нашите напори ги насочуваме и кон апелирање за само-заштита од страна на потрошувачите за да не се доведуваат во ситуации кога се измамени, кога не добиле фискална сметка или фактура, кога не можат да го остварат правото пред институциите или пак да стапат во контакт со продавачот за поврат на пратката“, потенцира Ангеловска. 

За тоа кои се најдобри решенија/мерки прилагодени за нашата состојба Ангеловска нема дилема,  тоа се мерките кои ќе се реализираат и ќе дадат резултати.

„Идеја без реализација е ништо, така и тука, може да ги мапираме најдобрите практики да направиме добар план, меѓутоа без реализација останува само „идеја на хартија“, подвлекува Ангеловска.