Ангеловска: Со третиот сет мерки се поставени јасни цели за конкурентна македонска економија

20

Со третиот пакет мерки кој се состои од директна помош на граѓаните, на стопанството, земјоделството, како и благодарност за здравствените работници за борбата против Covid-19, Владата покажува дека мисли за сите, дека има јасно определени цели со кои ќе помогне за нова развојна конкуретна македонска економија и ќе го помогне и приватниот сектор за да биде уште подобар и уште поконкурентен во пост-корона периодот. Ова го истакна министерката за финансии Нина Ангеловска одговарајќи на прашање на прес-конференцијата за претставување на новиот сет-мерки.

Ангеловска посочи дека за првпат ќе се воведе државна гарантна шема преку Развојната банка, кој инаку е воспоставен во голем број европски земји, а во поново време и во Србија и Албанија, со цел да се подобри пристапот до капитал за поголем број на претпријатија без разлика на нивната големина.

“Секоја мерка е тргната од реална основа и потребите на стопанството, на приватниот сектор и оваа мерка би имала за цел да го олесни пристапот до финансиски средства на приватниот сектор, со што истите би имале можност да го делат ризикот односно државата да преземе дел од ризикиот. Што значи тоа?  – Тоа значи дека државна гаранција со покриеност од околу 50% во Развојната банка би требало да има почетен капитал од 10 милиони евра со кои што би се когарантирале износ од над 65 милиони евра. Значи, целта е кај компаниите кои потешко би дошле до средства до кредити кои ќе им бидат потребни за post recovery период со тоа што државата ќе преземе дел од ризикот, да полесно дојдат до средствата кои им се потребни за зголемување на конкурентноста за инвестиции за подобрување на ликвидноста“, рече Ангеловска. 

Дополнителни 25 милиони евра со ребалансот се ставени во Ковид програмата во владата и дел од нив ќе бидат наменети и во државната гаранција, и не само на мали и средни компании туку за сите компании на кои ќе им бидат потребни средства и за зголемување на конкурентноста, за да ги обноват врските со пазарите кои можеби ги изгубиле. 

Трите столба на мерки се состојат од поддршка на граѓаните и домашната потрошувачка, на стопанството и неговата конкуретност, како и земјоделството како една од носечките гранки во земјавата. Во првиот столб се предвидени мерки за домашна платежна картичка за социјално ранливи категории и семејства со пониски приходи од 9.000 денари, поттикнување на домашен туризам со ваучер од 6.000 денари плус платежна картичка од 50 евра за луѓе со пониски примања, ваучери за млади до 29 години за ИТ вештини плус домашна платежна картичка од 50 евра, награда за здравствените работници од инфектиивните одделенија, надомест за работниците кои го изгубиле работното место поради коронакризата и македонски шопинг викенд со МојДДВ. За вториот столб на мерки за помош на стопанството се предвидени мерки за бескаматни кредити со 30% грант, државна гарантна шема преку Развојната банка, финансиска поддршка за приватниот сектор, економијата и индустријата, мерка за модернизација и нови пазари, програма за бизнис и развојни услуги, инструмент за брзо прилагодување и модернизација, кофинансирање на настани и конференции со 50% државна поддршка до 30.000 денари.

Кај столбот земјоделие предвидени се поддршка на аграрниот сектор преку Развојната банка, платежни картички за набавка на гориво и механизација, поддршка за претструктуирање кон нови производи во преработка на грозје, овозможување на соработка на јавниот и приватниот сектор преку моделирање на јавни приватни партнерства во лозарството и тутунскиот сектор,  реформа за ефикаснот во користење на пасиштата, окрупнување на земјоделско земјиште – нова можност за поголема конкурентност, финансирање на микро земјоделски субјекти и модернизација на земјоделството.