Креаторите на апликации што бројат калории неодамна беа мета на критики поради тоа што не презеле соодветни мерки, односно “дозволиле“ некои корисници да ја влошат ситуацијата со диетите до анорексија.
Според критичарите, овие платформи се небезбедни особено за младите луѓе кои одат до таа мера што наместо да ги поправат навиките во исхрана тие ги влошуваат. Причината за тоа ја гледаат во развивање на опсесија со мерење на калориите.
На многу апликации беше забележано како тинејџери постираат вознемирувачки пораки од типот “Изедов премногу, се мразам себе си“, што според експертите може да биде појдовна точка за развивање на психолошка болест, пишува BBC.
Некои од апликациите обвинети за “давање на погрешни насоки“ на корисниците се MyFitnessPal, Lose It! и Lifesum.
Развивачите на овие апликации тврдат дека промовираат здрави навики и начини што помагаат на ранливата група на корисници да се хранат здраво. Но, на нивните платформи пронајдени се опасни постови од корисници каде се промовира глад и други нездрави активности.
Десетици милиони луѓе во светски рамки користат апликации за регулирање на тежината преку коишто следат внес на калории и слично. Сепак, поради тоа што може да се развие опсесија со ваквиот тип на платформи, експертите предупредуваат апликациите да ги детектираат ризичните корисници и да понудат стручна помош каде што треба.
Фото: Pixabay