Апликација со којашто се намалува фрлањето на храна

15

app

Фото: Olio

Olio е мобилна апликација развиена во Велика Британија со којашто се намалува количината на фрлена храна. Апликацијата ја развиле две претприемачки сакајќи да го намалат фрлањето на храна што е едно од најголемите проблеми со кои се соочува човештвото. Една од основачите на апликацијата, Теса Кук вели дека статистичките податоци за фрлена храна се поразителни.

“Во светот се фрла скоро третина од произведената храна вредна милијарди долари, а во Велика Британија просечно семејство фрла храна во вредност околу 700 фунти. Тоа е катастрофа за околината“, вели Кук за Reuters.

Идејата се родила кога Кук требала да се пресели од Женева во Лондон, а фрижидерот ѝ бил полн со храна. Излегла на улица за да пронајде некој на кој би ја дала храната, но не успеала.

“Помислив, ова е совршена храна и знам дека во радиус од 100 метри постои некој на кој му треба“, вели Кук.

Кога утврдила дека не постои мобилна апликација за делење на храна заедно со поранешна банкарка од Америка, Саша Целестиал, по два круга собирање на инвестициски средства собрале 2,2 милиони долари и ја лансирале Olio.

Корисниците ја симнуваат апликацијата на мобилен телефон, отвораат корисничка сметка и поставуваат фотографија и краток опис на храна што сакаат да ја дадат, а размената на храната се договара преку приватни пораки.

OLIO е лансирана во јануари 2016 година, а денес има околу 322.000 регистрирани корисници главно во Велика Британија и веќе има разменето повеќе од 400.000 прехранбени производи. Една третина од секојдневните корисници доаѓаат од сиромашни домаќинства.

Апликацијата започна соработка со кафулиња, ресторани и синџири на храна, а волонтерите ја собираат храната што им е оставена и ја споделуваат во нивната заедница.