Апокалиптично предупредување на гувернер: „Милиони ќе станат сиромашни“

86

Гувернерот на британската централна банка Ендрју Бејли испрати апокалиптично предупредување поради зголемената инфлација. Тој признава дека е беспомошен и ги повикува Британците да не бараат повисоки плати.

Тој истакна дека војната во Украина дополнително ќе ги зголеми трошоците за живот, а особено е загрижен за цената на пченицата и нафтата.

„Цените се зголемуваат со никогаш повисока стапка во последните 30 години и ќе направат милиони луѓе сиромашни. Инфлацијата ќе ја погоди потрошувачката на домаќинствата и ќе предизвика зголемување на невработеноста“, предупреди тој.

Зголемувањето на цената на основните прехранбени производи имаше огромно влијание врз растот на цените на храната ширум светот.

Украина учествува во вкупното производство на пченица во светот со седум отсто, но кога станува збор за висококвалитетната пченица, нејзиниот удел се искачува на дури една петтина од светското производство, се проценува. Гувернерот го испрати своето апокалиптично предупредување до пратениците, а на прашањето дали се чувствува беспомошно, тој рече „Да“.

Бејли, кој заработува 570.000 фунти годишно, им рекол на пратениците дека луѓето со високи плати треба да размислат пред да бараат големи покачувања на платите, пишува „Дејли мејл“.

„Но, секој мора сам да процени за тоа. Не е до мене да одам наоколу и да им кажувам на луѓето што да прават“, рече тој.

Војната во Украина предизвика ценовни нарушувања на пазарот на жито, па затоа треба да се очекува нивен раст.

Гувернерот отфрли некои наводи за доцниот одговор на централната банка, но призна дека банката се соочува со најголемиот предизвик во последните 25 години. Иако со месеци тврдат дека инфлацијата е минлива, гувернерот не ја признава грешката и наведува дека не можеле да ја предвидат војната во Украина.

„Имаше голем број шокови во снабдувањето и голем број последици поради војната. Војната не може да се предвиди, таа не е во ничија моќ“, рече тој.

Инфлацијата годинава се предвидува да надмине 10 проценти.