Apple ќе соработува со TSMC за 5G модеми за iPhone

53

За да не се потпира повеќе на Qualcomm, Apple наводно ќе се здружи со TSMC (Taiwan Semiconductor Manufacturing Co.) за да произведе свои 5G модеми кои ќе се користат во идните модели на паметните телефони iPhone, дознава Nikkei.

Имено, Apple планира да го искористи процесот на производство на TSMC од 4 нанометри за масовно производство на својот прв 5G модем. Дополнително, ќе развие свои радиофреквентни и милиметарски компоненти за дополнување на модемот, а ќе користи и сопствен чип за контрола на напојувањето, кое исто така е во изградба, велат сигурни извори на јапонското издание.

Бидејќи Qualcomm неодамна потврди дека ќе го намали уделот на нарачки за iPhone модеми на околу 20 проценти во 2023 година, се очекува Apple да започне да користи свои модеми веќе истата година.

TSMC е логичен избор за партнер, бидејќи тие сè уште стојат зад сите процесори А и М1 што Apple ги користи во своите уреди и има стотици инженери во Купертино кои работат на развој на нови чипови.

Уште во јули, Nikkei објави дека Apple ќе го користи процесот на производство на TSMC од 4 нанометри за iPhone SoC веќе следната година, додека технологијата од 3 нанометри ќе го види светлото на денот со новите модели на iPad.