Apple наводно заштедил 6,5 милијарди долари со отстранување на полначите и слушалките од кутијата

114

Уште во 2020 година, Apple одлучи да ги отстрани полначите и слушалките EarPods од кутијата со лансирањето на iPhone 12. Имено, тоа беше тогаш контроверзен потег, на кој компанијата се одлучи пред се од еколошки причини, а подоцна беше следен од производителите како Samsung.

Потрошувачите не беа задоволни, бидејќи многумина мораа да купат дополнителни слушалки и полначи. Згора на тоа, цените на уредите не се намалени, иако се проценува дека Apple ги намалил трошоците за испорака за цели 40 отсто благодарение на помалите кутии, што на крајот овозможило повеќе iPhone да се сместат на секоја транспортна палета.

Според „Daily Mail“, експертите тврдат дека Apple заштедил околу 35 долари со отстранување на полначи и слушалки на секој телефон. Се проценува дека компанијата од 2020 година продала 190 милиони iPhone-и ширум светот, што значи дека благодарение на нивната одлука заштедиле околу 6,5 милијарди долари, не вклучувајќи ги приходите од дополнителното купување на „основна опрема“.

Бидејќи моделите на iPhone 12 беа првите уреди во линијата на паметни телефони на Apple со поддршка за 5G, се шпекулира дека технолошкиот гигант од Купертино всушност ги покривал трошоците за 5G модемите со оваа заштеда, што може да го објасни фактот дека цените не паднале, пишува Gizmochina.