Apple останува верен на американските чипови за 5G

28

Apple и Broadcom оваа недела објавија дека ја продолжуваат и продлабочуваат соработката за развој и производство на чипови за безжична комуникација, со акцент на 5G технологијата. Apple на тој начин се обврза да користи американска технологија во наредните години, а Broadcom да развие компоненти за 5G и други комуникациски стандарди, вклучително и FBAR филтри. Стратешкиот договор е потпишан на повеќегодишна основа и е вреден неколку милијарди американски долари, но детали за времетраењето и точната финансиска вредност не се објавени.

Инвестиции во САД
Во изјавата по повод оваа објава, Тим Кук нагласи дека Apple ќе остане посветен на американската креативност и иновативен дух и ќе продолжи да инвестира во американската економија, бидејќи имаат „непоколеблива верба во иднината на Америка“. Во соопштението за медиумите се истакнува и дека Apple веќе поддржува 1.100 работни места во Broadcom, со најава дека новиот договор ќе доведе до отворање на повеќе работни места и инвестиции во нови технологии за автоматизација во производството.

Оваа инвестиција, според Apple, е дел од нивната стратегија објавена во 2021 година, кога се обврзаа да инвестираат дури 430 милијарди долари во американската економија во текот на пет години. Сега, велат, се на добар пат да го реализираат тој план како што е најавено.

Се разбира, ништо од ова не настана само по себе, ниту Apple се обврза да инвестира во домашното производство без причина – американските власти финансиски ќе им помогнат во овие инвестиции. Преку минатогодишниот „CHIPS Act“ ќе бидат доделени над 52 милијарди долари субвенции за проекти за производство на чипови на американско тло, пренесе Bug.hr.

Фото: Facebook