Apple работи на алатка за iPhone што ќе идентификува домашни миленици на фотографии

22

Во новата верзија на оперативниот систем на Apple, iOS, ќе биде вградена алатка за идентификување на домашни миленици, кучиња и мачиња.

iPhone телефоните само преку дел од миленикот, нос, шепа и слично, ќе можат да “кажат“ дали станува збор за куче или маче на фотографијата, пишува CNBC.

Софтверот, наречен VNAnimalDetector, исцртува дигитален правоаголник околу секој дел на фотографијата на којашто е прикажано животното и го “именува“ како маче или куче.

Ова е уште една инвестиција на Apple во компјутерската визија, дел од компјутерската наука што се фокусира на тоа камерите и останатите сензори “да го видат” и разберат реалниот свет.

Новата алатка на компанијата е дел од проектот Vision framework, којшто е наменет за развивачите на софтвер, односно им го олеснува вградувањето на истиот во апликации.

Не е прв пат да се изработи детектор за животни, но од Apple потенцираат дека VNAnimalDetector е многу полесен да се вгради во апликации.

Други предности на Vision framework се можноста за препознавање на сличност кај фотографии, дополнителни способности за детекција на лице, и можност да препознаат различни предмети на фотографија.

Фото: Pexels