АППТ: Живееме во нова туристичка реалност и неопходно е стратешки да планираме во туризмот

23

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот одржа презентација пред приватниот сектор во која ги претстави плановите и чекорите за побрзо закрепнување на туризмот во време кое е повеќе од неизвесно.
“Свесни дека пандемијата со Ковид 19 наложи промени во сите пори на животот и неопходност од брзо прилагодување, новата реалност во туризмот значи промена на таргетите и фокусот на пазари кон кои ќе се цели. Активниот туризам доаѓа во преден план, заедно со интересот за посета на еко-дестинации и престој во мали сместувачки капацитети“, вели Јаневски, Директор на АППТ.

Тој тврди дека профилот на турист кој ја посетувал нашата држава нема да е веќе истиот, туку ќе биде личност која бара безбедна дестинација, авантурист кој преферира патување во мали групи и користи напредна технологија.

Првата половина на 2021, во споредба со 2020 очекувано е да донесе раст со оглед на тоа дека минатата година немаше можност за патување. Согласно тоа, растот во  бројот на туристи е 42,5%, додека бројот на ноќевања расте за 54%, но сè уште предничи домашниот туризам на сметка на странскиот. Следствено на овој тренд е и трендот на пораст на девизниот прилив кој е за 13,59% повисок од лани, генериран најмногу од домашните и регионалните туристи. Примарните пазари, на кои припаѓаат 77% од вкупниот број на ноќевања и 76% од вкупниот број на туристи, се Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Турција, Полска, Србија, Холандија и Хрватска. Со 13,2% учествуваат секундарните пазари во вкупниот број на туристи и 12,9% во вкупнот број на ноќевања, а тука спаѓаат Украина, Словенија, Русија, Велика Британија, Италија, Шпанија и Германија.

Промоцијата како основна активност на АППТ, за 2022 година предвидува зголемено присуство на саемски манифестации на примарните и секундарните пазари, но и маркетинг активности во истите. Промоцијата ќе биде зајакната преку продукција на 360 видео тури од туристички атракции, информативни патувања, продукција на нови еллектронски и печатени промотивни материјали, како и промотивни активности за нови туристички производи, како на пример за ИТ номади.

Во програмата на АППТ за 2022 година предвидено е да влезат проекти за заштита на постоечките и обнова на старите занаети кои се во функција на туризмот, валоризација на граничните премини, изработка на туристички мапи и многу други кои ќе придонесат за остварување на очекувањата кои се во насока на 2.2-2.3 милиони ноќевања и над 300 милиони долари девизен прилив од ставка туризам.
Секако, неопходна е соработка и со други институции, од кои ќе се побара поддршка за создавање на платформа Е-посетители, означување на сите туристички локалитети, промена на моделот на субвенционирање на организираниот туристички промет и останати активности кои ќе придонесат за поголема промоција и полесно постигнување на самоодржливост на туриситчката индустрија.