Асиметричен трговски режим со Хрватска по нејзиниот влез во ЕУ

42

getImageThumbnailMеѓу Македонија и Хрватска ќе се воспостави aсиметричен трговски режим откако Хрватска по 1 јули годинава и официјално ќе стане членка на Европската унија. Досегашната либерализирана размена во земјоделството и прехранбената индустрија ќе биде значително намалена.

Според Васко Ристовски од Стопанската комора, влегувањето на Хрватска во ЕУ ќе има и позитивни и негативни импликации.

“Компаниите се уште не знаат што точно ќе се случува, но желба за соработка со земјите од ЦЕФТА се уште постои”, изјави Ристовски на денешната прес-конференција.

Како што истакна, се размислува да останат правилата за тргување според ЦЕФТА-договорите барем извесен период од зачленувањето на Хрватска во ЕУ.

Тој додаде и дека Комората се уште нема информации дали се преговара и во кој дел на државно ниво.

Вкупната размена на Македонија и Хрватска минатата година беше 93 милиони евра од кои во агросекторот 41,2 милиони. Најмногу се тргува со кондиторски производи. Македонија извезува и вино, тутун, овошје, а увезува месо, млеко, нивни преработки, пченица, брашно и др.

На последниот одржан состанок земјите-членки на ЦЕФТА констатирале дека клучни проблеми во размената се уште се непризнавањето на сертификатите и нивната унифицираност, инспекциските надзори, фитосанитарната област и дополнителните давачки.

Укажано е на потребата од намалување на трговските бариери, како и од зајакнување на внатрешните контроли и комуникацијата заради спречување состојби како онаа со појавата на афлатоксин.

Размената во рамки на ЦЕФТА е намалена за само 0,7%, и лани достигнала 8,1 милијарда евра.