АСОМ: Стоп за срамниот, неевропски, неуставен, дискриминирачки и монополски Закон за игри на среќа!

33

Законот за игри на среќа кој Владата го криеше конечно e обелоденет. Овој предлог кој е доставен до Собранието е најлошиот предлог кој во историјата на државата бил предложен, а содржината, новите членови, давачките, условите за лиценцирање, монополизирањето на интернетот, оддалеченоста се целосно неприфатливи.

Овој закон е неуставен, монополски, дискриминирачки и како таков воопшто не може да биде предмет на расправа. Истиот бараме веднаш да се повлече и го отфрламе во целост. Неверојатно е дека и покрај сите апели на меѓународната заедница и Евроамбасадорот Гир, Владата повторно насила, без дебата и спротивно на легислативата сака да донесе закон со европско знаменце.

Ова се прави само со цел да се избегне редовна постапка во која би биле разобличени целите, а апсурдноста на самиот закон би излегла на виделина. Како Асоцијација ова нема да го дозволиме и најавуваме жесток отпор на ова насилно, недемократско и неевропско однесување на Владата.

Уште еднаш јавно прашуваме, зошто бегате од јавна дебата? Како може закон кој има несогледливи финансиски и економски реперкусии да се носи без дебата во комисиите за финансирање и буџет каде што треба да се еволуираат овие закони? Зошто бегате од соочување со претставниците на индустријата ако сте сигурни во своите предлози? Отворено прашуваме, чии интереси штитите или подобро што се крие зад оваа апсурдна идеја за насилно затворање на една легална индустрија?

Асоцијација на спортски обложувалници во Македонија ги повикува пратениците од Комисијата за европски прашања: Арбер Адеми, Арта Билали-Зендели, Моника Зајкова, Зеќир Рамчиловиќ, Снежана Калеска-Ванчева, Фаница Николоска, Лолита Ристова, Жаклина Пешевска, Даниела Христова, Марија Петрушевска, Антонијо Милошоски, Миле Лефков, Мерита Колчи-Коџаџику, Халил Снопче, да не гласаат за измените на Законот за игри на среќа и истите да ги отфрлат бидејќи се со цел да згаснат една цела легална гранка и да овозможат цут на сивата економија.

Нема ниеден основ по кој овој закон треба да биде во таа комисија, освен заради брзо гласање и мнозинство за истиот да помине. Јавно ве покануваме да се изјасните против европско знаменце, бидејќи нема ниедна причина овој закон да биде донесен во таква постапка. Немој да биде заложници за нечии скриени интереси и во име на европскиот пат на земјата немојте да изгласате неевропски закон!

Како Асоцијација бараме од пратениците во Собранието да бидат чувари на процесот на демократија и усогласување на законодавството на Република Северна Македонија со законодавството на Европската Унија, а не гласачка машина за остварување нечии желби на штета на граѓаните.

Постојат правни докази со кои може да се констатира дека европското знаменце се злоупотребува од страна на потписниците на оваа изјава. Имено, Предлог законот не го прати коресподентна табела во која јасно и на недвосмислен начин ќе се види кој дел од наведената директива во кој член од предлог законот е транспонирана, односно пренесена.

Посочуваме дека на овој факт особено внимание треба да обрнат членовите на комисијата за европски прашања при Собранието. Предупредуваме дека праксата на усогласување на законите со правото на ЕУ не повлекува само давање на изјава туку и подготовка на коресподенна табела за пренесување на одредбите од ЕУ директивите во законите кај нас.

Апелираме дека злоупотребата на европското знаменце употребено во овој закон ќе даде искривена слика за транспонирањето, односно пренесувањето на ЕУ регулативата CELEX 32014H0478. Предлагачот на законот не може да ја транспонира оваа ЕУ регулатива од причина што со овој предлог закон тежнее кон автократски режими во кои интернет просторот се забранува, наместо како што укажува ЕУ регулативата CELEX 32014H0478 да се регулира т.е. да се воспостават правила при приредувањето на општите и посебните игри на среќа преку интернет.

Почитувани пратеници, вашите одлуки и вашиот глас се во име на граѓаните кои ви го дале мандатот, кои ве плаќаат и кои ги застапувате. ЕУ досега во повеќе наврати предупредува европското знаменце да не се злоупотребува, сега имате можност да докажете чии интереси застапувате. Дали на граѓаните или нечии други интереси кои се на штета на сите нас.

Како Асоцијација сме подготвени  за  отворени за дебата, бидејќи нашата единствена цел е да се изнајде законско решение прифатливо за сите засегнати страни. Најавените измени во неколку наврати ги дефиниравме како неприфатливи и кобни за индустријата на игри на среќа, затоа доколку истите се донесат ќе излеземе на масовни протести. Покрај тоа, овој закон е опасен и за играчите и широко ги отвора вратите за сивата економија.

Премиере Ковачевски, министре Бесими?

Чии агенди исполнувате? Зошто законот го криевте? Зошто бегате од јавна дебата? Зошто се залагате за уништување на една легална гранка, која преку даноци и давачки го полни државниот буџет? Зошто сакате и се залагате 10.000 граѓани да оставите на улица без работа и од нив да направете социјални случаи ?

Во чиј интерес е законот шверцерски да го донесете со злоупотреба на европското знаменце?

Покрај оддалеченоста од 500 метри на објектите од училиштата поткрепена со наводната заштита на младата популација, законот содржи измени кои се нелогични и неуставни, многу сериозни финансиски импликации за оваа индустрија. Со измените Владата сака двојно да ги зголеми давачките за лиценци и нови уплатни места, што води кон затворање на индустријата.

Затоа бараме измените на Законот за игри на среќа кои се испратени до Комисијата за европски прашања да се повлече, затоа што:

Законот е за затворање на индустријата за игри на среќа.

Законот е дискриминирачки.

Законот е неуставен.

Законот е монополски.

Законот единствено е во корист на криминалот и на коцкањето на црно.